Манџа со домати, пилешко и тиквички – топол семеен рецепт за секоја сезона
Вечерите стануваат студени и посакувате нешто топло, здраво и домашно? Имам баш такво јадење за Вас! Оваа манџа со домати, пилешко и тиквички е семеен рецепт што сакам да го готвам во текот на целата година, но наесен ја прави есента уште попријатна.
Најдоброто? Сè оди во едно тенџере, а шпоретот го завршува останатото. Ништо полесно!

Порции: 4
Време за подготовка: 20 минути
Време за готвење: 1 час и 5 минути
Вкупно време: 1 час и 25 минути
Состојки:
- 1 пилешки стек (филе)
- ½ тиквичка
- 1 главица кромид
- 1 тегла домати (јас користам домашни домати од тегла, од оние што ги правиме за зимница)
- Вода (доволно да ги покрие сите состојки, и уште малку)
- Зачини: сол, вегета, црн пипер, оригано, магдонос и ловоров лист
- За запршката: околу 3 лажици масло, 2 лажици брашно и 1 лажица мелен црвен пипер
Подготовка:
- Исечете го пилешкиот стек на мали парчиња, колку за еден залак.
- Исецкајте го кромидот и исечете ја тиквичката.
- Ставете ги пилешкото, кромидот и тиквичката во тенџере и додајте ја целата тегла домати.
- Налејте доволно вода да ги покрие сите состојки, и уште малку.
- Додајте ги зачините: сол, вегета, црн пипер, оригано, магдонос и ловоровиот лист.
- Почекајте да зоврие, а потоа оставете ја манџата да се готви 1 час.
- На крајот направете ја запршката: загрејте го маслото во мала тава, додајте го брашното и промешајте, а потоа додајте го мелениот црвен пипер.
- Истурете ја запршката во манџата, добро промешајте и оставете да врие уште 5 минути.

Топла, здрава и полна со вкус, оваа манџа е како прегратка во студен ден!
Пријатен апетит!